Печалбарите го отежнаа сообраќајот во Тетово, школските дворови претворени во паркинзи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Доаѓањето на печалбарите, но и празникот Курбан Бајрам го парализираше Тетово. Поради густиот сообраќај, речиси е невозможно да се движиш низ централното подрачје на градот. Иако полицијата постојано е на терен и се обидува да го регулира патниот сообраќај, сепак големиот број возила видливо им ја отежнува работата. Општинските власти ги отворија школските дворови, претворајќи ги во паркинзи, а ги зголеми и капацитетите за чистење на градот.

-Секое лето кога имаме наплив на возила, ние ги отвораме школските дворови. Паркинг службите работат на ист начин. Ги зголемивме капацитетите и во однос на отпадот, бидејќи во овој временски период се зголемува количината. Продолживме и со културните програми, бидејќи сметам дека меѓу другото голем дел од комуникацијата има врска со нашето и културното однесување на нашите сограѓани-рече Теута Арифи.

Но, покрај многуте возила, Тетово има и друг проблем, особено во период кога верниците го слават Курбан Бајрам, а тоа е фрлањето на отпадот од курбанот, кој веќе може да се забележи во неколку делови од градот. Од општината апелираат органскиот отпад да не се фрла во контејнери или во реката Пена, бидејќи може да дојде до загадување на околината и ширење на разни болести. Граѓаните што ги анкетиравме велат дека општинските власти треба да се ангажираат повеќе бидејќи, како што додаваат, сега е доцна за преземање мерки во однос на сообраќајот и чистотата.

-Мора да се преземат мерки, бидејќи ова е катастрофа.

-Сега веќе е тешко. Сега откако дојдоа печалбарите, тешко е. И порано беше, но сега состојбата е отежната двојно повеќе.

Тетово периодов „плива“ во отпад. Најчесто ваквата глетка преовладува на излезот на градот, а во контејнерите може да се најде дури и фрлен мебел и градежен шут.