Решавањето на прашањето со отпадот, водата за пиење, јавното осветлување и паркингот, се само дел од проблемите за кои печалбарите од Тетово изразија загриженост која му ја пренесоа на градоначалникот Биљал Касами. На средбата која ја организираше Касами, печалбарите изразија подготвеност да соработуваат со цел решавање на проблемите во Тетово. На Касами му предложија конкретно решение за кантите за отпад како во европските земји.
-Ние сме производител и лидер во Европа за подземни контејнери. Нормално, имаме и дома за селектирање на отпадот. Произведуваме контејнери. Јас како менаџер сум за, бидејќи сум од Тетово, сакам на градоначалникот и на општината да им помогнеме да се изработи проект и да го решиме проблемот со отпадот“, вели печалбар.
-Еден од главните проблеми е хаосот со возилата, паркирањето. Мислам дека е проблем кој мора да се реши. Не дека ова ни пречи само нам печалбарите, туку и на граѓаните тука. Не е проблем од сега, наследен е и треба да се придонесе во оваа насока. Има и други проблеми како што е осветлувањето за што беше разговарано и со печалбарите и со градоначалникот. Ова се проблеми кои мора да се решат. Ние како граѓани треба да помогнеме во овој процес, а не да одмогнеме-вели печалбар.
Според Касами, барањата на печалбарите се исти како на секој тетовец. Очекува тие да бидат мост за поврзување меѓу општината и европските земји за реализирање на разни проекти.
-Барањата на печалбарите се исти како нашите со цел да имаме подобар град за живеење, барања кои се поврзани со проблемот со сметот, водата, паркингот и сето она со што се соочуваме секојдневно. Она што треба да се поздрави е она што го изјавив – многу печалбари имаат врски во општините во кои живеат и се почитувани граѓани таму, понудија можност да бидат мост за комуникација меѓу нас и оние кои дејствуваат за што поскоро решавање на проблемите со кои се соочуваме-изјави Касами.
Поради новогодишните празници голем број печалбари се вратија во Македонија, особено во Полошкиот регион. Нивното доаѓање го отежнува сообраќајот, но од друга страна придонесуваат за бизнисите во Тетово. Согласно податоците од 2020 година, дијаспората испратила 361 милиони евра во Македонија, пари кои „одржуваат во живот“ многу семејства, но и бизниси во земјава.
