Пелистер сè уште гори, Ангелов: Најтежок и најкомплексен пожар за гасење, не е точна веста дека има двајца повредени пожарникари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пожарот на Пелистер и понатаму е најтежок и најкомплексен за гасење во земјава, а во неговото сузбивање се вклучени копнени сили, механизација, армиски хеликоптер и ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување, информираше директорот Стојанче Ангелов.

Воедно, тој ги демантираше објавите во некои медиуми дека се повредени двајца пожарникари. „Досега не е повреден ниту еден пожарникар. Не е точна веста којашто се појавила во некои портали дека има двајца повредени пожарникари — ниту повреден пожарникар, ниту пак имаме пожарникар којшто вдишал чад, така што сите пожарникари се добро и продолжуваат во борбата против оваа огнена стихија“, нагласи Ангелов.

Ангелов истакна дека вчера се регистрирани повеќе од 30 пожари, при што дождот во источните делови само незначително ја олеснал состојбата.  „Дождот којшто вчера во попладневните часови заврна во источните делови на државата ја олесни нашата работа, но незначително. За жал, во останатите делови од државата имаме повеќе тешки за гасење пожари, повеќе од 30 пожари во текот на вчерашниот ден. И понатаму најтежок и најкомплексен пожар за гасење е пожарот којшто вчера попладне изби од преспанската страна на Пелистер — оган којшто се движи во насока на Националниот парк „Пелистер“, изјави Ангелов, додавајќи дека по избивањето на пожарот веднаш реагирале противпожарните единици од Ресен и Битола, по што биле мобилизирани и ресурсите на ДЗС.

Тој изјави дека рано утрово со дејство започнал и еден армиски хеликоптер со големо ведро од 3 тони, кој со прецизно фрлање на водата успеа да изгасне неколку критични точки, но со доаѓањето на топлиот дел од денот, повторно почнале да се појавуваат горливи точки и да се гледа чад на повеќе позиции. „Во овој момент дејствуваат ер-тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување како поддршка на пожарникарите од Битола, од Ресен, огнените тимови составени од доброволци на Дирекцијата за заштита и спасување, како и неколку пинцгауери коишто дејствуваат на овој простор“, рече директорот на ДЗС, Ангелов.