Претседателот Стево Пендаровски го потпиша указот на законот за амнестија на лицата кои беа казнети во текот на пандемијата со Ковид 19. Направените измени на законот за амнестија ги ослободуваат од мерка затвор лицата кои го прекршиле полицискиот час и кои не ја почитувале мерката за изолација или карантин. Во соопштението од Кабинетот на претседателот се истакнува дека потребата за амнестија и уредување на оваа ситуација ја наметнал големиот број такви предмети во Кривичниот суд Скопје.
„Потребата од уредување на оваа состојба е наметната од големиот број на вакви предмети во Основниот кривичен суд Скопје. За да се надмине ова состојба за оваа категорија на осудени за кривичните дела од член 205 и член 206 од Кривичниот законик, парична казна, или заменета на парична казна со казна затвор, согласно одредбите од овој закон ќе се замени алтернативна мерка условна осуда“, велат од Кабинетот на претседателот.
Друга причина за амнестија на овие лица е и преоптовареноста на затворите, бидејќи поради неможноста на голем број граѓани да ја платат казната, истите требало да одлежат затворска казна. За сите казнети со парична казна или затвор, сега казните се заменети со условни.
Но што ќе се случи со оние граѓани кои веќе платиле казна од 1000 или 2000 евра? Дали тие кои веќе одлежале казна затвор, со законските измени ќе можат да бараат оштета за деновите поминати во затвор? Адвокатот Алиспахиќ вели дека ниеден закон во државава нема ретроактивно дејство и истото е и со овој закон.
Во конкретнава ситуација, Алиспахиќ вели дека им помогнал на социјално ранливи категории и лица со здравствени проблеми. Амнестијата нема да важи за правни субјекти, односно за рестораните, трговските центри и компаниите кои не ги почитувале ковид протоколите.
