Двата албански блока, ВРЕДИ и ЕФ, се уште не одлучиле кого од двајцата кандидати за претседател ќе поддржат во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните. Бидејќи двата блока се уште немаат одлучено, прашавме кого треба да поддржат Албанците.
Изет Меџити од коалицијата ВРЕДИ, вели дека Албанците секогаш знаеле да го изберат и проценат најдобриот кандидат, но како што додаде, овие претседателски избори ќе бидат само формални бидејќи разликата меѓу двајцата кандидати ќе биде многу голема.
„Ние ќе седнеме и ќе направиме анализи овие дена и ќе донесеме одлука, но сметам дека Албанците секогаш знаеле да ги оценат политичарите, кандидатите, да ги оценат нивните ставови и мислам дека и овој пат ќе знаат да проценат кого да го гласаат за претседател. Иако мислам дека за волја на вистината, трката ќе биде само формална. Разликата меѓу двајцата кандидати е многу голема така што вториот круг повеќе ќе биде формалност отколку вистинска трка“, вели Изет Меџити.
Го прашавме и Бујар Османи од ЕФ за тоа како ќе постапат во вториот круг и кого ќе го поддржат Албанците. Османи вели дека иако бил кандидат на ЕФ, оваа одлука треба да ја донесат заеднички со коалицијата.
Инаку во вториот круг на претседателските избори ќе се натпреваруваат Стево Пендаровски од СДСМ и Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ. Во првиот круг убедливо победи кандидатката Силјановска Давкова со 40% од вкупниот број гласови. Силјановска освои 363 илјади гласа додека Пендаровски 180 илјади. Разликата меѓу двајцата кандидати беше двојна.
