Пендаровски ќе оди на средба кај Радев: Ќе се обидам да дадам придонес во надминување на спорот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За помалку од еден месец претседателот на државата Стево Пендаровски треба да има средба со својот бугарски колега Румен Радев. Пендаровски ова го најави во атмосфера кога се интензивираат контактите меѓу Македонија и Бугарија со цел надминување на отворените прашања. Шефот на македонската држава на денешната тркалезна маса организирана од Советот на амбасадори оцени дека почетокот на новата фаза на односите меѓу двете земји е одличен, но дека се уште сме далеку од подлабоко навлегување и од евентуално позитивно завршување на тој процес.


„Јас ќе се обидам многу наскоро да дадам личен придонес во тој процес кој мислам дека е значајно секоја политичка институција во двете држави да даде своја контрибуција за конечно да го премавнеме и овој проблем Претпоставувам не повеќе од еден месец од сега планираме, договараме со мојот колега Радев во Софија официјална посета на Република Бугарија. Мој став, моја теза е дека двајцата претседатели во двете држави мора да дадат позитивен придонес за успешен завршеток на овој процес затоа што тоа е стратешки интерес на двете држави и јас сум убеден дека претседателот Радев го дели моето мислење“, рече Пендаровски.


Стартот на преговорите на Македонија и Албанија со Европската унија останува главен приоритет, истакна евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир. Според него особено е значајно тоа што се интензивираат контактите меѓу Софија и Скопје со цел да постигнат договор околу билатералните прашања.


„Овој развој е за поздравување. Тие промовираат свеж импут и ние ги охрабруваме и Скопје и Софија да го задржат овој моментум да најдат заедничко прифатливо решение во билатералното прашање ние ги поддржуваме во овие напори. Со нетрпение очекуваме на одржувањето на Првата меѓувладина конференција што е можно побрзо. Отворањето на процесот на преговори ќе биде пресвртница за европската интеграција на земјата“, рече Гир.


Ваквите оценки доаѓаат по последните посети и на бугарскиот премиер Кирил Петков на нашава земја, но и на заедничката бугарско-македонска владина седница што се одржа неделава во Софија. За она пак што е постигнато на овие средби ќе се реферира утре и во македонскиот, но и во бугарскиот парламент.