Пендаровски: Не ја разбирам потребата од референдум – опозицијата го обвини Пендаровски дека ретерира под притисок на власта

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шефот на државата Стево Пендаровски во вчерашното интервју на Канал 5 рече дека е против референдумот, откако пред неколку дена изјави дека билатералните договори со Грција и Бугарија се оската за одење кон Европа и дека ако некој сака тоа да го нема би било чесно референдумското прашање да гласи „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови? Немам разбирање на нивното барање за референдумско изјаснување и сметам дека станува збор за манипулација, се мачат да направат формулација точка 4, алинеја 5 ќе ја оспорувале а тоа се договорите од Преспа и бугарскиот договор, без кои нема НАТО и ЕУ,изјави тој во вчерашното интервју.

„Но што прави Мицкоски. Нему му треба политичка мобилизација  да ги држи своите на купче наредниот период, велејќи им дека само што не сме ја срушиле Владата и ќе биде наредниот период, наредниот понеделник и така натаму, што е легитимно како опозиција. И вели и Пендаровски мисли исто. Не, јас мислам следно, мислам дека е фер ВМРО-ДПМНЕ и Левица да се дефинираат јавно пред македонскиот народ за тоа што навистина се – антиевропски политички партии. Ако биде прашањето, ако смета дека треба да има такво прашање, само едно прашање е, за мене релевантно – Дали сакате Република Северна Македонија да биде членка на Европската унија, толку“, вели претседателот Стево Пендаровски.

Но, од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат Пендаровски дека со ваквата изјава ретерира од јавно дадената поддршка за референдумот и со тоа ја одбрал антимакедонската страна . Сметаат дека шефот на државата го сменил ставот најверојатно по притисок од Владата.

„Во само неколку дена успеа да го излаже целиот народ најпрвин за да ги придобие симпатиите на граѓаните и на јавноста се изјасни дека треба да има референдум во насока како што ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски предложија за потоа политички кажано Владата да му свитка рака и да му каже дека не треба референдум и сето тоа било манипулација. Со што Стево Пендаровски повторно ги пренесе ставовите на Владата ретерирајќи од она што го кажа само неколку денови претходно“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Премиерот Ковачевски досега неколку пати повтори дека останува на ставот да не ја поддржи иницијативата за референдумско изјаснување. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак се уште не излегле со конкретен став на што би се однесувал референдумот и како би го дефинирале прашањето, велат дека и натаму се водат консултации со експерти за овие прашања.