Не се кандидирам само да учествувам, се кандидирам за да победам, со ова актуелниот претседател Пендаровски и официјално го најави своето учество на претседателската трка. Рече дека за неговата, граѓанска кандидатура добил јавна поддршка од голем број граѓани, а очекува да ја добие и поддршката од СДСМ на конгресот кој ќе се одржи в недела. Воедно тој најави и дека и тој ќе собира потписи од 10 илјади граѓани.
„На 3 март во недела, според моите информации, очекувам и Социјалдемократскиот сојуз да ја формализира својата поддршка за мојата кандидатура а веднаш потоа од понеделник тоа да го направат и останатите 10-ина политички партии од таа коалиција. Како што најавив поодамна станува збор за граѓанска кандидатура и поради тоа ги повикувам сите граѓани, почнувајќи од 3 март, недела, да дадат поддршка за мојата кандидатура со давање на потписи во подрачните единици на Државната изборна комисија.“, рече Пендаровски.
Својата кандидатура ја поткрепува со тоа што, како што истакна, во изминатиов период нема направено грешки, а исто така и без некаква афера. Во првиот мандат станавме членка на НАТО, а во вториот очекувам да станеме членка на ЕУ, истакна Пендаровски. Рече дека ги очекува гласовите од сите етнички заедници вклучително и од албанската заедница иако претходно имаше несогласувања со ДУИ откако не го потпиша законот за игрите на среќа.
„Поинаку и не можам да ја замислам улогата на претседател на сите, како што велиме во оваа држава Македонија која е таква според внатрешната структура, ако ве поддржуваат само Македонци или само Албанци, затоа за победник на овие избори е нужно да бидете поддржани и преку етнички линии, и преку партиски и преку етнички линии, практично да добиете широка граѓанска поддршка што е мојот концепт од првиот ден“, рече Пендаровски.
Неговите очекувања се дека ќе го освои и вториот мандат.
„Не би можел да шпекулирам каква ќе биде волјата на граѓаните, меѓутоа се кандидирам не само за да учествувам на изборите, туку и да победам“, кажа актуелниот претседател.
Околу предлогот на ДУИ изборот на шефот на државата да се врши во Собранието,Пендаровски со став дека е многу подобро претседателот да биде избран на општи избори и на тој начин институцијата претседател да биде независен во своите постапки и чекори. Инаку, во текот на викендов покрај кандидатурата на Пендаровски, и кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова треба да ја добие поддршката на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ. Официјално во претседателската трка влегуваат Максим Димитриевски, Арбен Таравари и Бујар Османи, кои собраа 10.000 потписи, а блиску до целта се и професорката Ванковска и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.
