Додека Европската комисија го чека одговорот од Македонија за тоа дали ќе го прифати францускиот предлог за почнување на преговорите домашната јавност се уште во дилеми колку овој предлог ќе ги овозможи бугарските барања да бидат постојана препрека во текот на преговарачкиот процес. Претседателот на државата Стево Пендаровски во вчерашниот магазин на ТВ 21 Клик плус вели дека предлогот што го имаме на маса не го загрозува македонскиот идентитет и е добро да бидеме поставени на европските шини.
„Јас велам, дајте да останеме про-форма на европските шини со овој предлог, ќе има скрининг година, година-ипол, па потоа кога ќе дојде Уставот ќе има избори, кој ќе добие ќе си тера понатаму. Европската унија е се уште, го потенцирам овој збор, се уште најдобрата опција за сите нас за Северна Македонија. Затоа што една мала држава независно каде е сместена, ние сме во еден турбулентен регион оптеретен со многу историја, емоција со голема сиромаштија, со страшно иселување на младите нема шанса да се спротивстави на глобалните трендови сосема сам.“, изјави Пендаровски.
Пендаровски сепак е убеден дека и со почетокот на преговорите ќе имаме блокади од Бугарија. Ако при договарањето на историски личности не се променат учебниците, тогаш веднаш следува вето од Бугарија, вели тој.
„Комисијата составена од 7 Македонци и 7 Бугари разговараат . Ако се согласат двете страни тие упатуваат препораки до двете Влади. Двете Влади ако се согласат, а се бара заемна согласност, пуштаат до надлежно министерство, да речеме МОН за учебник ако збориме.
Бидејќи во договорот од 2017 со Бугарија не вели она што ќе го заклучи Комисијата е завршена работа
Што ако не најде?
Блокада од Бугарија, вето. Значи не само за тоа.“, рече Пендаровски.
Но, според Извештајот на бугарското МНР за францускиот предлог, спроведувањето на Договорот и Протоколот не е формален услов за отворање и затворање кластери на Македонија со Европската унија. Покрај ова за нив негативниот дел на овој предлог е и чистата формулација на македонскиот јазик.
„Во Преговарачката рамка на француското претседателство се дозволува чиста референца за т.н „македонски јазик“. Нацрт-преговарачката рамка не соодветствува со Рамковната позиција од 2019 година, бидејќи имплементацијата на Договорот за добрососедство и Протоколот од член 12 не претставуваат формален критериум за отворање или затворање на поглавјата од преговорите. Не е предвидена улога на Советот на ЕУ (т.е. Бугарија) во оценката дали Република Северна Македонија го спроведува билатералниот протокол, а оваа оценка е препуштена на ЕК.“, велат од бугарското МНР.
За францускиот предлог на Преговарачката рамка во текот на идната недела се очекува да расправа македонското Собрание.
