Министерот за локална самоуправа Златко Перински вечерва во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека предложените законски решенија за можноста за отповикување градоначалници се креирани внимателно, со цел да се избегнат политички злоупотреби во иднина.
Перински нагласи дека градоначалниците добиваат четиригодишен мандат директно од граѓаните и дека единствено граѓаните треба да имаат право да одлучуваат дали некој функционер ќе биде отповикан.
„Добија мандат од четири години и без разлика на тоа како ќе го користат, дали ќе ја злоупотребат довербата на гласачите или не, никој не треба да може да ги отповика. Зошто? Затоа што граѓанинот го дава суверенитетот на мандатот и граѓанинот треба и да го одземе“, рече Перински.
Тој посочи дека законските измени биле подготвувани според европски примери, но притоа внимавале механизмот да не стане алатка за политички притисоци и блокади.
„Ова е норма која што ја работевме согласно европски примери, но исто така моравме да внимаваме истата во иднина да не биде злоупотребена на политичка основа“, истакна министерот.
Според него, несоодветно е во системски закон да се вгради решение што би можело да биде искористено за политичко кочење на работата на градоначалниците.
„Многу е несоодветно во еден системски закон да ставите норма која потенцијално одредени политички субјекти би можеле да ја злоупотребуваат и на тој начин да ја кочат работата на градоначалникот“, рече Перински.
Министерот додаде дека процентите предвидени за покренување иницијатива за референдум и за евентуален референдумски отповик се „многу внимателно креирани“ и усогласени со реалните можности и специфики на државата.
