Министерот за локална самоуправа Златко Перински вечерва во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека дел од општините во државата имаат блокирани сметки, но оцени дека најголемиот број сепак функционираат нормално и имаат капацитет редовно да ги сервисираат своите надлежности.
„Многу општини имаат блокирани сметки, но поголемиот дел од општините се функционални и имаат финансиски габарит да си ги издржат и редовно да ги сервисираат своите изворни надлежности и ова одговорно го тврдам“, рече Перински.
Тој посочи дека не сака јавно да посочува конкретни општини, ниту да ги критикува или пофалува, но нагласи дека и во минатото имало случаи на блокирани општини кои подоцна успеале финансиски да се стабилизираат.
„Имаме примери каде што имало блокирани општини, а сега тие се со одблокирани сметки и можат комотно да работат“, изјави министерот.
Перински нагласи дека Министерството за локална самоуправа не е институција од која општините бараат директни финансиски инекции, туку место каде се разговара за проекти и можности за нивно финансирање.
„Министерството за локална самоуправа не е орган каде што се доаѓа по финансиски инекции, дотации за помош и поддршка. Во изминатите две години сите градоначалници што дојдоа, без разлика од која политичка структура се, дојдоа подготвени со зрели проекти и разговаравме преку кои програми можеме да ги финансираме“, рече Перински.
Тој објасни дека Министерството спроведува две програми за финансиска поддршка на проекти, но дека и останатите министерства во Владата имаат програми со директно влијание врз регионалниот развој.
„Градоначалниците не доаѓаат барајќи пари, туку разговараме да најдеме модалитети и програми преку кои можеме да ги кофинансираме проектите“, истакна министерот.
Според Перински, во моментов еден од најважните процеси на кој работи Министерството е реформата за поголема финансиска независност на општините.
„Работиме на целосна реформа за обезбедување што е можно поголема финансиска независност на општините. Тоа е суштината“, рече тој.
Министерот оцени дека фискалната децентрализација со години се провлекува како проблем, без доволна поддршка од централната власт, а како дополнителен предизвик ги посочи загубите што ги имаат општините при наплата на сопствените приходи.
„Општините губат од 80 до 100 милиони евра годишно поради тоа што несоодветно ги колектираат сопствените извори на финансирање“, изјави Перински.
