Перински: Одлуката на Уставниот суд за членот 218 може сериозно да ги погоди општините и јавните претпријатија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за локална самоуправа Златко Перински предупреди дека евентуалната одлука на Уставен суд на Северна Македонија поврзана со членот 218 од Законот за извршување може да предизвика сериозни последици врз функционирањето на општините и јавните претпријатија.

Говорејќи во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Перински истакна дека станува збор за чувствително прашање кое директно влијае врз локалната самоуправа.

„Сметките на општините и на јавните претпријатија може да бидат сериозно погодени од одлуката на Уставниот суд за членот 218 од Законот за извршување, кој се однесува на извршување врз имот на државни органи, општини и јавни претпријатија“, рече Перински.

Тој потсети дека претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во претходното издание на емисијата веќе зборувал на оваа тема и најавил средби со ЗЕЛС, Министерството за локална самоуправа и дел од општините.

„Костадиновски кажа дека побарал средба со ЗЕЛС, со Министерството за локална самоуправа и со дел од општините околу одложено дејство на овој член 218“, истакна министерот.

Според Перински, иницијативата е отворена веќе две години, а институциите во меѓувреме се обидуваат да најдат решенија за надминување на евентуалните проблеми.

„Се изнаоѓаат модалитети со кои овие предизвици ќе се надминат, дали преку репрограмирање на ресурсите во јавните претпријатија, дали преку репрограмирање на приходите и расходите“, рече тој.

Министерот нагласи дека Министерството за локална самоуправа нема директна надлежност ниту врз работењето на јавните претпријатија, ниту врз толкувањето на Законот за извршување, но призна дека прашањето сериозно го засега функционирањето на локалната власт.

„Министерството тука нема ингеренции во делот на работата на јавните претпријатија, ниту пак членот 218 е под наша надлежност за да можеме да го толкуваме. Но апсолутно го засега функционирањето на локалната самоуправа“, изјави Перински.

Тој порача дека Владата ќе мора да најде решение за предизвиците со кои се соочуваат јавните претпријатија и општините.

„Треба да се најде модалитет како сите овие предизвици што во моментот ги имаат јавните претпријатија во иднина да се надминат“, рече Перински.