Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во синоќешното гостување во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 испрати јасни пораки за потребата од длабоки реформи во изборниот систем, локалната демократија и јавниот превоз.
Поддршка за една изборна единица
Перински даде цврста поддршка за воведување на моделот на една изборна единица, нарекувајќи го „праведно и потребно решение“.
Тој истакна дека ова прашање се актуелизира само пред избори, но ВМРО-ДПМНЕ, според него, останува доследна во поддршката.
„Се надевам дека конечно ќе се реализира. Најреално е да се примени на следните парламентарни избори“, рече тој.
Реформи во Законот за локална самоуправа
Министерот најави значителни измени во Законот за локална самоуправа со цел унапредување на директната демократија.
„Ќе се зголеми учеството на граѓаните преку референдуми, форуми и нови механизми“, истакна Перински.
Една од најзначајните новини е можноста за референдумско отповикување на градоначалник, под одредени услови и временски рамки.
Еколошки автобуси – чекор кон модерен јавен превоз
Како дел од владините иницијативи, Перински најави набавка на 120 електрични автобуси, со кои ќе се модернизира јавниот превоз во поголемите градови, особено во Скопје.
„До крајот на годината очекуваме автобусите да бидат ставени во функција“, нагласи тој.
Критика за состојбата во Град Скопје
Министерот упати сериозни критики за моменталната состојба во главниот град, нарекувајќи ја „политички циркус“.
Според него, скопјани се оставени без резултати и капитални проекти, додека градот се дави во долгови.
Амбиција за Скопје
На прашање за евентуална кандидатура за градоначалник на Скопје, Перински не ја исклучи можноста.
„Апсолутно би прифатил ваков предизвик – имам амбиција, но ќе видиме кого партијата ќе го предложи“, рече тој, додавајќи со сигурност:
„Со две раце потпишувам дека идниот градоначалник на Скопје ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ.“
