Состојбата со пожарите на отворен простор и натаму бара внимание. До 13 часот денеска, Центарот за управување со кризи регистрирал вкупно 12 пожари низ земјава, од кои пет се активни, пет се ставени под контрола, а два се целосно изгаснати.
Активни пожари има во Македонски Брод, Крушево и Кривогаштани, Гостивар, Старо Нагоричане и Новаци.
Во Општина Македонски Брод, пожарот кај село Белица, во месноста „Кајорец“, се проширил кон „Дабова Дупка“ и „Јасен“, при што гори нискостеблеста и мешана шума.
На подрачјето на општините Крушево и Кривогаштани, активен е пожар кај село Алданци, со еден крак проширен кон село Годивлје. Зафатени се нискостеблеста дабова шума и висока вегетација.
Пожар е активен и кај гостиварското село Тумчевиште, каде гори ниска вегетација, како и во село Младо Нагоричане, Општина Старо Нагоричане, каде е зафатено стрниште.
Во Општина Новаци, пак, активен е пожар кај село Сливица, каде гори ниска вегетација.
Под контрола се пет пожари. Во Кичево, пожарот кај село Тајмиште, во месноста „Дарда“, зафатил ниска вегетација. Пожар е ставен под контрола и на градската депонија во Делчево, каде гори ѓубре.
Во село Копаница, Општина Сарај, пожарот зафатил ниска вегетација и мешана шума, додека во Струга пожарот на потегот Буринец–Локов–Селце–Елевци е во високостеблеста шума.
Под контрола е и пожарот кај село Брест, во месноста „Рамно“, во Општина Чучер-Сандево, каде гори мешана шума.
Во текот на денот се регистрирани и два изгаснати пожари. Едниот бил во село Катланово, Општина Петровец, каде горела ниска вегетација, а другиот во село Беловиште, Општина Јегуновце, каде биле зафатени ниска вегетација, грмушки, багрем и оревови дрвја.
Од ЦУК информираат дека состојбата со пожарите се следи и дека информациите се однесуваат на состојбата до 13 часот на 12 септември 2026 година.
