На територијата на државата до денеска до 12 часот се евидентирани вкупно седум пожари на отворен простор. Од нив, пет сè уште се активни, додека два се изгаснати, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од активните пожари, првиот е на територијата на Општина Шуто Оризари, во близина на „Џиди Комерц“, каде што гори отпад и сува трева. Вториот е во Општина Старо Нагоричане, кај селото Ругинце, каде што се зафатени ниска вегетација и сува трева.
Пожар има и во шумски предел кај селото Сретеново, во Општина Дојран.
Преостанатите два активни пожари се на територијата на Велес. Едниот е во близина на автопатот Велес – Штип, кај Чолошево, каде што гори ниска вегетација и сува трева, додека другиот е на градската депонија, каде што гори отпад.
Од пожарите што денеска се изгаснати, едниот бил во Општина Долнени, кај селото Житоше, во близина на училиштето, каде што биле зафатени ниска вегетација и сува трева. Вториот бил во атарот на битолското село Кукуречани, каде што горел отпад.
