Состојбата со пожарите на отворен простор и натаму е сериозна. Во земјава до 13 часот денеска се регистрирани вкупно 13 пожари, од кои пет се активни, шест се ставени под контрола, а два се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Активни пожари има во пет општини.
Во општина Ѓорче Петров гори во реонот на селата Грачани и Никиштани, а пожарот е активен и на територијата на Косово, каде што е зафатена шума.
Пожар има и во општина Македонски Брод, во селото Белица, на месноста Кајорец кон Брезница, во близина на репетиторот. Таму е зафатена нискостеблеста и мешана шума.
Во општина Струга активен е пожарот кај селото Подгорци, каде што гори ниска вегетација и мешана шума.
Пожар е регистриран и во Куманово, во населбата Бедиње покрај железничката пруга, каде што гори ниска вегетација.
Во општина Маврово-Ростуше активен е пожарот на местото викано Чавкарник над Маврово, каде што се зафатени ниска вегетација и мешана шума.
Под контрола се ставени шест пожари. Во општина Струга пожарот на потегот Буринец–Локов–Селци зафатил нискостеблеста шума. Под контрола е и пожарот кај селото Брезница во општина Македонски Брод, каде што гори ниска вегетација и помошен објект.
Во општина Сарај под контрола е пожарот кај селото Копаница, каде што се зафатени нискостеблеста шума и ниска вегетација. Во општина Чучер-Сандево, кај селото Брест, на месноста Рамно, пожарот зафатил мешана шума.
Под контрола се и пожарите на депониите во Кратово и на градската депонија во Делчево.
Во меѓувреме, целосно се изгаснати два пожари – кај селото Црвени Брегови во општина Неготино, каде што горела ниска вегетација, и на улицата „Перо Наков“ во општина Гази Баба, каде што биле зафатени ниска вегетација и ѓубриште.
