Премиерот на Бугарија Кирил Петков вчера телефонски му се јавил на македонскиот премиер Димитар Ковачевски во кој разговарале за два инциденти и тоа за отстранувањето на лентите на венците од бугарската делегација од гробот на Гоце Делчев како и искршеното стакло на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола. Ковачевски му одговорил дека и за двата случаи се покренати истражни дејства, а дека според она до што МВР за случајот во Битола открило е дека се работи тоа го направила поранешната сопруга на секретарот на Културниот центар, кој пак пријавил дека се работи за случај на нетрпеливост кон Бугарите.
„Сакаше да се информира за два инциденти кои што се случија во нашата држава. Едниот беше поврзан со искинати венци на гробот на Гоце Делчев каде што го информирав дека Министерството за внатрешни работи согласно со регуларните процедури ги прави истражните работи и вториот беше со искршено стакло во Битола каде што се испостави и според соопштението на Министерството за внатрешни работи дека не се работи за политички инцидент туку дека се работи за инцидент мотивиран од други приватни причини каде што лицето кое што го сторило тоа веќе има дадено изјава,“ рече Ковачевски.
Петков коментирајќи го оштетувањето на венците на бугарската делегација, рекол дека секогаш ќе има провокатори. Инаку, на самата посета на Петков на земјава при отворањето на канцеларијата на бугарската новинска агенција во земјава било договорено со Ковачевски дека за секој инцидент што смета дека е еден вид говор на омраза, особено врз канцеларијата на агенцијата слободно да му се јави.
„Тој рече дека ако случајно има некаков вандализам или нешто сврзано со таа канцеларија на основа на некои групи кои сакаат да го направат негативен настан, Димитар Ковачевски рече – сакам лично веднаш мене да ме информирате и ми го даде неговиот број на телефон. Тоа ќе биде начинот по кој што ние ќе го третираме јазикот на омразата и дискриминацијата“, рече Петков.
Ковачевски, на прашањето дали разговарале и за решавање на отворените политички прашања рече дека утре и задутре ќе треба да има средба на министерствата за надворешни работи на двете држави.
Министерствата за надворешни работи се задолжени за разговори во тој дел и на 10 и 11 ќе имаат средба, министерството за надворешни работи на нашата држава и министерството за надворешни работи на Република Бугарија. Тие ќе разговараат и работат на отворените прашања. Доколку се постигне напредок, доколку е прифатлив, нормално за двете страни врз основа на европски вредности, врз основа на почитување на двете страни како на државите, така и на граѓаните, тогаш Министерството за надворешни работи ќе соопшти.
Инаку, од она што е веќе договорено, на 11 овој месец треба да се реализира авионскиот лет од Софија до Скопје по што ќе се воспостави и редовна линија меѓу двата града. Ова е инаку договор по одржаниот состанокот меѓу делегациите на министерствата за транспорт на Македонија и Бугарија.
