Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, упати критики до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека со своите ставови за односите со Бугарија однапред се откажува од заштитата на македонските национални интереси.
Според Петрушевски, додека од Бугарија продолжуваат да пристигнуваат пораки поврзани со прашања за македонскиот јазик, историја и идентитет, Филипче, како што вели, не покажува доволна реакција.
„Наместо да застане во одбрана на македонските позиции, тој ја убедува јавноста дека нема причина за загриженост“, наведува Петрушевски.
Тој оцени дека Филипче не поставува услови и гаранции, туку испраќа пораки кои, според него, би можеле да значат прифаќање на барања што Македонија досега ги сметала за неприфатливи.
Петрушевски го спореди пристапот на Филипче со политиките на поранешниот премиер Зоран Заев, обвинувајќи го дека ја повторува истата политичка матрица.
„Филипче е политичко продолжение на Заев, подготвен да оди чекор понатаму доколку тоа му отвори пат до власт“, изјави Петрушевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека нема да поддржат политики за, како што наведуваат, попуштање и национални отстапки, нагласувајќи дека македонскиот идентитет, јазик, историја и култура не треба да бидат предмет на политички договори.
