Дваесет и четиригодишен жител на виничко е лишен од слобода откако, управувајќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, предизвикал сообраќајна несреќа во која едно лице е тешко, а две лица се полесно повредени.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила на 23 јули околу 3:30 часот на регионалниот пат Грдовци–Зрновци. Д.Н. (24) од селото Градец, управувајќи патничко возило „Опел“ со винички регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото и излетал од коловозот.
Во несреќата тешки телесни повреди добил сопатникот С.С. (28) од селото Јакимово, додека возачот и вториот сопатник Д.А. (28) од селото Истибања се здобиле со полесни повреди. На сите им била укажана лекарска помош во Јавната здравствена установа во Кочани.
При увидот, полициските службеници утврдиле дека возачот не поседувал возачка дозвола. Дополнителните проверки покажале дека тој управувал со возилото под дејство на алкохол, при што му биле измерени 1,69 промили алкохол во крвта.
По насоки на јавен обвинител, Д.Н. е лишен од слобода, а по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
