Пиши-бриши на македонскиот дигитален речник, навредливиот збор „циган“ избришан по бурните реакции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По реакциите на Ромските здруженија за навредливите зборови кои се вметнати во новиот дигитален речник „Институтот за македонски јазик“ ги повлече зборовите „циган“, „циганчи“, „циганштија“, „циганштење“ .
Спорно е дека во објавувањето не се посочува дека зборот се употребува за да ги омаловажи Ромите. Тоа што можеше да се забележи дека во речникот ги немаше воопшто навредливите зборови „шиптар“, „егеец“ или „балија“ кои во општеството се користат за омаловажување на некое лице поради етникумот.
Министерката за образование Царовска вели дека професорите одлучиле да ги повлечат зборовите по реакциите на граѓаните при што овие зборови ќе се ревидираат.

„Тие зборови кои што научниците или професорите од Институтот ги собрале и ги толкувале, но сепак се со одредена содржина која што е несоодветна, тие одлучија да ја повлечат. И тоа беше јавно достапно, што значи не исчезнуваат зборовите. Туку, самите професори кои ги поставувале зборовите сметаат дека треба истите да ги ревидираат што е сосема прифатливо по реакцијата на граѓаните на кои што можеби тоа им пречи“, рече Царовска.

Реагираа професори и лингвисти кои сметаат дека зборовите не треба да се бришат туку треба да се објаснат во каква конотација се употребуваат.

„На речникот на македонскиот јазик не му се прави никаква штета со отфрлањето на навредливите зборови, бидејќи е тоа неможно. Зборовите постојат или постоеле. Вистинската штета е во тоа што вие, како институција што го изработува овој запишан, објавен, дигитализиран фонд зборови не ги толкувате прецизно зборовите и нивната употреба, не ги зафаќате нештата темелно и длабински (иако работите врз нив со децении), туку ги правите наменски, пребрзо и надве-натри, и така дозволувате во сета таа мешаница дополнително својот зачин да го стави и дневната политика“, истакна Татјана Б. Ефтимоска-професорка по македонски јазик.

Инаку само пред два дена Владата ја промовираше веб-платформата makedonski.gov.mk на која е достапен Толковниот речник на македонскиот јазик. Според описот овој речник ги содржи на 100 илјади зборови кои се најупотребуваните зборови на современиот македонски стандарден јазик.