Питачите преносители на Ковид-19? – без маски и во полициски час просат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тие се деца но се движат во центарот на градот и во полициски час. Еден повозрасен бездомник спие мирно под сончевите зраци. А оваа жена бега од еден питач бидејќи се обидува да и го земе лебот заработен со просење.

Се чини дека полицискиот час во Скопје не важи за тие што просат. Ги гледаме како се движат за време на полициски час, но не и институциите. Освен што прават прекршок, се поставува прашањето дали тие може да се носители на инфекцијата? Без маска им се доближуваат на случајните минувачи.

Прашавме во МВР што доколку полицајци ги сретнат тие што просат за време на полициски час. Од таму велат дека се казнува секој граѓанин кој ќе се забележи дека прави прекршок. Ако се забележи дека тие што просат се и бездомници, тогаш се праќаат во Центарот за бездомници Момин Поток.

МВР нема евиденција колку прекршоци се направени за време на полицискиот час од страна на лица што просат, бидејќи не прават статистика за посебна категорија граѓани. ТВ21 забележа три такви случаи, а во последниве 24 часа според МВР на територија на цела држава се регистрирани 154 прекршоци а се приведени 130 лица.