Пластичните хирурзи против „ботокс-фризерите“ – Фалсификуваните препарати оставаат многу пациенти со здравствени последици

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На меѓународен конгрес во Скопје се собраа најеминентните доктори по пластична хирургија. На „Skopje Flap Course“, организиран од МАРМ, меѓу другото беше кажано дека злоупотребата на ботокс и филери од страна на некомпетентни лица во козметичките салони и фризерници довела многу пациенти да завршат со здравствени последици. Софија Пејкова од Асоцијацијата на реконструктивни хирурзи на Македонија истакна дека граѓаните треба да бидат многу внимателни при несертифицирани инјекции и интервенции од лица кои не се лекари.

„Ние сме тука за едукација на младите специјализанти во реконструктивната микрохирургија, многу сериозна и тешка дисциплина, па нека им остане на тие што ја работат!“, рече Софија Пејкова.

Дали е во ред да го прават тоа?

„Апсолутно, секој треба да си ја работи работата професионално, затоа овде правиме и обуки“, вели Софија Пејкова.

Италијанскиот пластичен хирург Марко Иноченти исто така се изјасни против ваквите естетски интервенции од некомпетентни лица и со нелиценцирани медицински материјали, па дури ја поздрави и интервенцијата на надлежните органи.

„Да, мислам дека е многу опасно затоа што добрата пракса има смисла, проблемот настанува кога се прават овие ризични пополнувања од нестручни лица, дури ни доктори, туку нешто слично! Тоа отвора многу опасен сценарио и мора да биде контролирано од надлежните институции, бидејќи секоја друга форма може да биде опасна“, вели Марко Иноченти.

Алармот кој ТВ21 го покрена пред една година, стана предмет и на истражните органи. 14 лица, меѓу кои и лекари, беа уапсени под сомнение за шверц на медицински производи за естетски интервенции, ботокс и филери. Големата полициска акција, спроведена по неколкумесечна истрага, опфаќа вкупно 19 лица и 6 компании, осомничени за здружување заради криминал, повреда на индустриска сопственост и примање мито.