Платите на буџетарите ќе чинат околу 930 милиони евра – Давитковски: Итна реформа за да не „го изеде“ администрацијата буџетот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Платите на буџетарите догодина ќе не чинат речиси  930  милиони евра. Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска во Предлог-буџетот за 2025 година се предвидени 780 милиони евра за плати и надоместоци на административците, на тоа дополнително се додаваат и 32 милиони евра за договорениот раст на платите во образованието, 84,5 милиони дополнителни за раст на платите во здравство, како и 32 милиони евра за растот на мининмалецот. Или, за сега се знае дека од 6,5 милијарди евра за трошење, околу 930 милиони евра ќе чинат платите на административците.

Експертите реагираат, над една петтина од буџетот наместо за развој секогаш ни завршува за плати на гломазниот и партизиран државен апарат.

„До сега, барем до сега, оваа влада уште не знам, но претходните влади немаа политичка волја да направат вистинска реформа, односно да ги лепачите на плакати итн., кои што седат дома и примаат плата да ги отстранат од работа. Автоматски се направи една гломазна, бирократизирана, партизирана јавна администрација која што на уштрб на буџетот и на уштрб на другите вработени во реалниот сектор ги уживаат привилегиите што се припадници на одредена политичка партија“, вели Борче Давитковски.

Давитковски е дециден дека мора итна реформа на јавната администрација. Вели  вака администрацијата ќе го „изеде“ буџетот и никогаш нема да имаме развојна компонента во него.

„Еднашка треба да се почне со вистински реформи, ако се има се разбира политичка волја да се намали бројот на вработените од една страна, а со тоа и дел како се намалува бројот да се зголемат платите на оние кои што навистина работат во јавната администрација, а сепак ќе останат барем пола од овие пари за да можат да бидат пренаменети за капитални инвестиции. Инаку вака како што тргнало, администрацијата ќе го изеде буџетот, никојпат нема да имаме развојна компонента на ниеден буџет во нашата држава“, порала Борче Давитковски.

Според податоците на Министерството за информатичко општество, бројкате на вработени во јавниот сектор е околу 130.000 лица. Анализата на ТВ 21 покажува  дека од година во година сумата која се одвојува од буџетот за плати и надоместоци драстично расте, па од 2014 година до сега е речиси дуплирана. Бројките покажуваат дека  во 2014 година платите на административците го чинеле буџетот 384 милиони евра. Додека пак годинава, со ребалансот се одвоени, речиси двојно повеќе пари или 724 милиони евра биле потребни за подмирување на платите на државниот апарат.  Додека пак во 2025 ќе одвоиме уште најмалку 200 милиони повеќе – или 930 милиони евра, за плати и надоместоци на администрацијата.

РАСХОДИ ВО БУЏЕТ ЗА ПЛАТИ И НАДОМЕСТОЦИ

Предлог – буџет за 2025 година – 780 милиони евра

  • + 32 милиони евра за образование
  • + 84,5 милиони евра за здравство
  • + 32 милиони евра за минимална плата 

Вкупно:928 милиони евра

РАСХОДИ ВО БУЏЕТ ЗА ПЛАТИ И НАДОМЕСТОЦИ ПО ГОДИНИ

  • 2024 година –  670 милиони евра –   со ребаланс  724 милиони евра
  • 2023 година  –    567,1 милиони евра
  • 2022 година –    540,4 милиони евра
  • 2021 година –    504,2  милиони евра
  • 2020 година – 484,1 милиони евра
  • 2019 година – 451,3 милиони евра
  • 2018 година –  428,5 милиони евра
  • 2014 година – 384 милиони евра