По 1-ви мај животот се враќа во нормала?! – Ублажување на мерките на почеток на следниот месец

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата изготвува сериозен план за олеснување на мерките кои беа донесени за заштита од коронавирусот. Премиерот Оливер Спасовски, рече дека се разгледува можноста за ублажување на мерките по 1-ви мај и враќање на животот во нормала, но како што вели, тоа ќе се одвива постепено.

И министерот за здравство, Венко Филипче рече дека мерките кои се преземени ќе помогнат за намалување на бројот на заразени, додавајќи дека ефектот ќе биде видлив на почетокот на следниот месец.

Вицепремиерот за европски прашање, Бујар Османи со став дека во Тетово, Куманово и Прилеп треба да бидат преземени дополнителни мерки, бидејќи како што вели, овие три општини можат да станат нови критични жаришта.

„Тетово може да биде ново жариште на коронавирусот, ако не се спречи натамошното ширење. Од Тетово имаме барање да се укине превозот од една во друга општина, во Полошкиот регион. Ова прашање ќе се разгледа на владина седница. Верувам дека и Тетово заедно со Куманово и Прилеп, треба да се сметаат за критични зони за кои денеска можеби ќе бидат донесени дополнителни мерки“, вели Бујар Османи.

Османи исто така најави дека во следните денови Кризниот штаб за Ковид-19 ќе разговара и за месецот Рамазан и дека се очекува Владата да донесе пакет мерки. На денешната владина седница ќе се дискутира дали во Куманово треба да биде прогласена кризна состојба и дали градот треба да биде ставен во целосна изолација.