По 26 години, Советот на Европа го затвора мониторингот: Македонија направи значаен чекор напред

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По 26 години, Советот на Европа го заврши процесот на мониторинг на законодавството за човекови права во Македонија. Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПАЦЕ) на пленарна седница во Стразбур, Франција, предложи да се затвори постмониторинг дијалогот со земјава со усвојување на резолуција.

Резолуцијата е базирана врз извештајот на Сибел Арслан од Швајцарија и Џозеф О’Рајли од Ирска. Во неа, ПАЦЕ ги поздравува мерките преземени од македонските власти за реформа на судството и обвинителските служби, како и напорите на владата околу предлог-законите за Судскиот совет, Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители.

ПАЦЕ исто така ги повика властите во Македонија што е можно поскоро да ги усвојат овие предлог-закони, земајќи ги предвид препораките на Венецијанската комисија, како и да ја спроведат препораката на ГРЕКО за отстранување на министерот за правда од составот на Судскиот совет.

Со усвојувањето на резолуцијата, формално се завршува процесот на следење на исполнувањето на обврските на Македонија како членка на Советот, во согласност со Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и други релевантни конвенции.

На сесијата на ПАЦЕ, на која беше изгласана резолуцијата, учествуваа македонските пратеници Иванка Василевска, Беким Ќоку и Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Македонија е членка на Советот на Европа од 1995 година. До 2000 година беше под целосен мониторинг, по што започна постмониторинг дијалогот.