Со почетокот на новата учебна година, по цели три децении од последниот упис, Македонија повторно има генерација ученици кои средното образование ќе го завршат со професијата полицаец.
По тој повод, за време на посетата на Средното полициско училиште „7 Мај“, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, свечено им ги врачи договорите за школување на првите десет кандидати и им посака успех на почетокот на образовниот процес.
Запрашан за кандидатите Албанци, Тошковски рече дека примени се 11, нагласувајќи дека проблемот не бил во приемот, туку во малиот број пријавени кандидати. Тој најави дека во иднина ќе се работи на поголема мотивација на младите од сите етнички заедници да се запишуваат во ова училиште.
„Во целост, од 43, да кажеме, од помалите заедници, мислам дека 33, еве ме коригираат, 31 од тие 510 што се пријавиле се албански кандидати, тоа е точниот број, а од нив се примени 11. Проблемот не е во приемот, туку проблемот е во интересот, ова мора веднаш да го решиме.“, додаде Панче Тошковски.
Првично било планирано да бидат примени 200 ученици, но поради големиот интерес, капацитетот бил зголемен за 50 проценти.
На конкурсот се пријавиле 510 кандидати, а по проверката на условите биле примени 310 ученици.
Како главни причини поради кои дел од кандидатите не ги исполниле условите, Тошковски ги посочи несоодветното однесување во училиштето и критериумот за висина.
„Сите кандидати кои не успеале да стигнат до финалната фаза и да станат дел од полициското училиште, не ги исполниле основните услови кои се однесуваат на најголемиот проблем што го имавме, а не можеме да го промениме и така ќе остане и во иднина. Треба да имаат одлично, примерно однесување, не може да имаат бегано од наставата и да бидат дел од средното полициско училиште. Кај најголем дел, ова е проблемот, а другиот најголем проблем беше висината.“, вели Панче Тошковски.
Тошковски истакна дека повторното отворање на ова училиште претставува важен момент за Министерството за внатрешни работи и за иднината на полицијата во земјата.
Тој им посака успех на сите ученици кои се запишаа во првата генерација на Средното полициско училиште „7 Мај“.
