Во последните 24 часа по 45 денови повторно е регистриран нов случај на коронавирус во Дебар, а по 14 денови нов случај во Битола. Градоначалникот, Хекуран Дука вели дека ќе ги зголемат безбедносните мерки.
„Апелирам до сите граѓани да се придржуваат до мерките, да држат растојание, да носат маски. На тој начин ќе спречиме појава на втор бран на епидемијата во Дебар“, кажа Дука.
Жена од селото Долно Косоврасти вчера била примена на Општата болница во Дебар со висока температура, по што била пренесена во Скопје на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).
„На КАРИЛ земен е брис на пациентката, а резултатот од тестот е позитивен. Жената имала контакти со домашни, со пријатели и роднини кои ја посетувале дома и со медицинските работници кои вечерта биле на дежурство. Епидемиологот од Дебар веќе прави анкета на сите контакти, по што ќе се стават во домашна изолација“, рече градоначалникот Дука.
Со последната статистика, нов случај на коронавирус е регистриран и во Битола по 14 денови откако немаше новозаболени. Според информациите од здравствените институции се работи за случај кој според досегашната анализа не е поврзан со некој од претходните. Други две лица се ставени во изолација.
Со ова од почетокот на епидемијата во Битола бројот на регистрирани случаи од Ковид 19 е 29 лица.
Во Дебар од почетокот на епидемијата има вкупно 51 заболен, од кои 4 починати.
Дебар и Центар Жупа беа во карантин и беше забранет влез и излез од општините поради формираното жариште на коронавирус.
