„Ја цениме поддршката што Хрватска ја дава на нашата европска перспектива“.
Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски по средбата со неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ во Охрид, по што беше потпишан и Договор за стратешка соработка помеѓу двете влади.
„Денешната посета има особено значење за нашите две држави, затоа што таа не претставува само дипломатска средба меѓу две влади, туку претставува потврда на едно пријателство кое се градело со години, на односи засновани врз заемна почит, разбирање, соработка и искрена поддршка.
Република Хрватска е наш близок партнер, пријателска земја и сојузник во НАТО. Земја со која делиме многу заеднички интереси, слични регионални предизвици, но и заедничка визија за стабилен, безбеден, развоен и европски Западен Балкан.
Особено сме задоволни што денес ја подигнуваме нашата соработка на уште повисоко ниво преку потпишувањето на Договорот за стратешка соработка помеѓу двете влади. Овој договор е повеќе од дипломатски акт. Тој претставува рамка за долгорочно партнерство и јасна политичка определба за продлабочување на нашите односи во области кои се од суштинско значење за иднината на двете држави.
Нашата стратешка соработка ќе биде заснована врз принципите на заемно почитување, целосно уважување на суверенитетот, меѓународното право и заедничките интереси на нашите граѓани.
Ќе работиме на развој на конкретни иницијативи и проекти во транспортот, енергетиката, информатичките технологии, индустријата, производството, здравството, образованието, јавната безбедност, цивилната заштита, одбраната, сајбер безбедноста и управувањето со границите.
Посебно значајно е што договорот отвора простор за подлабока поврзаност меѓу институциите, компаниите, инвеститорите, академската заедница, граѓанскиот сектор и експертските заедници на двете земји.
Една од најважните теми на нашите разговори беше европската интеграција. Хрватска е земја која успешно го помина патот од кандидат до полноправна членка на Европската Унија. Токму затоа, хрватското искуство има особена тежина и значење за нас. За нас европската интеграција не е само надворешнополитичка цел. Тоа е процес на институционално созревање, владеење на правото, економски развој, модернизација и создавање подобри услови за живот за нашите граѓани. Затоа ја цениме поддршката што Хрватска континуирано ѝ ја дава на нашата европска перспектива“, напиша Мицкоски.
