Фудбалерите на Реал Мадрид станаа клупски шампиони на светот откако во финалето во Мароко го совладаа Ал-Хилал од Саудиска Арабија.
Натпреварот на стадионот „Принц Мулај Абдала“ во Рабат заврши со резултат 5:3.
Кралскиот клуб ја оправда улогата на фаворит и стигна до рекордната петта титула за најдобар клуб на планетата.
Засилен со закрепнатиот капитен Карим Бензема, поведе во 13. минута токму со асистенција за Бразилецот Винисиус Јуниор. Само пет минути подоцна Уругваецот Федерико Валверде го удвои водството на европскиот шампион.
Ривалот од Саудиска Арабија не се предаде и во 26. минута поранешниот напаѓач на Порто Муса Марега успеа да ја намали предноста на шпанскиот тим. Со тој резултат заминавме на одмор.
Во вториот дел публиката можеше да ужива во уште повеќе голови и убави потези.
Карим Бензема во 54. минута и Валверде со вториот гол во 58. минута му донесоа повеќе од убедлива предност на Реал Мадрид, а Аргентинецот Лучијано Вието само ја ублажи предноста на кралскиот клуб во 63. минута.
Сепак, Реал не застана тука и во 69. минута младиот Бразилец Винисиус Јуниор уште еднаш ја матираше одбраната на ривалот, а Вието во 79. минута постигна уште еден гол за да го постави конечниот резултат – 5:3!
