По инцидентот со обезбедувањето на Мицкоски – Тошковски најави негова суспензија и кривична пријава

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Суспензија од работното место на членот на обезбедување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, откако викендов нападнал друг полицаец. Ова го најави техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски кој рече дека МВР веднаш го расчистил случајот и дека очекува Јавното обвинителство да му поднесе кривична пријава. Тошковски дополни и дека не се работи за попречување акција во случај со дрога, како што претходно се тврдеше во јавноста.

Сторено е насилство, сторен е напад на службено лице, ќе се преземат сите потребни дејствија од страна на Министерството, што значи тоа, да сме јасни , суспензија на предметното лице, нема веќе да оди на работа се до донесување на правосилна пресуда и покренување на кривична постапка од страна на Министерството за внатрешни работи по претходна дадена наредба од страна на јавен обвинител. Во делот на тоа дека предметното лице попречувало одредена акција при нејзино спроведување сакам да потенцирам дека тоа е неточно“, вели Панче Тошковски.

И дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев, смета дека случајот треба да се истражи до крај бидејќи е неприфатливо да се нападне полициски службеник.

Се работи за лице кој е припадник на Министерството за внатрешни работи кое претходно извршувало високи функции во Министерството и за мене и како човек и како носител на оваа функција се недозволиви вакви инциденти. И затоа повикав и вчера и денеска ќе повикам, внатрешната контрола, сите истражни органи да го испитаат случајот, максимално, професионално до крај без политички заднини“, вели Митко Бојмацалиев.

Пред изјавата на првите луѓе на МВР за овој инцидент, со реакција се јави Дарко Каевски од СДСМ кој праша  која е улогата на обезбедувањето на Мицкоски во акцијата против дилери со дрога.

МВР и техничкиот министер за внатрешни работи од ДПМНЕ треба да излезе пред граѓаните и да одговори која била улогата на обезбедувањето на Мицкоски. Дали неговата задача била да спречи акција против дилери на дрога. Дали тие дилери на дрога се поврзани со Христијан Мицкоски и ДПМНЕ и на кој начин“, вели Дарко Каевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ му вратија на Каевски дека треба да се однесува одговорно при вакви инциденти. Инаку, синоќа нешто по полноќ лице кое  е обезбедување на Мицкоски  нападнал полицаец кој претходно бил во акција во случај со дрога, при што тој бил веднаш приведен во полициска станица и за него е покрената постапка.