Сите 10 осигурителни компании кои беа регистрирани пред 1-ви април 2024 година и даваат услуга при осигурување на моторни возила се под истрага за картелско здружување.
Во оваа група, според Агенцијата за супервизија осигурувањето (АСО) не е само ЗОИЛ Македонија од Битола, која во регистарот е запишана точно на 1 април лани, кога се реализираше договорот за наводното картелското здружување и се зголемија цените на премијата за автоодговорност со што поскапи регистрацијата на возилата.
Од Комисијата за заштита на конкуренцијата, за ТВ21 велат дека до 10 те осигурителни компании е испратено прелиминарно известување во кое се наведува што е најдено при низата увиди во службените простории на осигурителните компании, вклучително и увиди во нивната меѓусебна комуникација, по што се пронајдени докази за усогласено однесување – КАРТЕЛ.
Од КЗК велат дека на ова конечно решение осигурителните компании може да се жалат пред Управен суд, а незадоволните од решението на Управен, правдата може да ја бараат и пред Вишиот управен суд.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски е запознаен со постапката.
„Навистина се некои информации за мене прилично изненадувачки. Непријатно изненадувачки“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Осигурителните компании се гонат според членот 7 став 1 од Законот за заштита на конкуренцијата.
А ако се докаже дека се здружиле картелски ќе бидат казнети според истиот Закон, односно по членот 59 став 1 кој предвидува глоба до 10 отсто од вкупниот приход остварен во претходната година. Грубо пресметано, ако се оди на максимална казна, во буџетот би се слеале над 15 милиони евра.
