По невремето во Куманово, екипите на терен – во тек расчистување на улиците и санација на последиците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По обилните врнежи од дожд што попладнево го зафатија Куманово, екипите на јавните претпријатија и ангажираните фирми се на терен и работат на отстранување на последиците од невремето, соопшти градоначалникот Максим Димитриевски.

Според информациите од Општината, веднаш штом се намалил интензитетот на врнежите започнало расчистување на наносите од чакал и песок од улиците, како и чистење на шахтите и каналетите. По завршувањето на овие активности ќе следува темелно миење на сообраќајниците и санација на погодените градилишта.

Куманово попладнево беше погодено од силен дожд, проследен со грмежи, што предизвика проблеми на повеќе локации низ градот. Од Општина Куманово ги повикаа граѓаните чии домови се поплавени да побараат помош за испумпување на водата на телефонскиот број 193 на Територијалната противпожарна единица Куманово.

Од локалната самоуправа информираат дека континуирано ја следат состојбата на терен и остануваат на располагање на граѓаните. На местата каде што дошло до излевање на фекална канализација, во текот на вечерта ЈП „Чистота и зеленило“ ќе спроведе миење и дезинфекција на улиците.

Жителите на Куманово посочуваат дека при секои пообилни врнежи се повторуваат истите проблеми на неколку критични точки во градот, особено во деловите каде што недостига соодветна атмосферска канализација.