По низата реакции Амбла се враќа на училиште, Шаќири и Таравари велат дека им е жал

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По објавувањето на веста и низата реакции на социјалните мрежи, малата Амбла се врати на училиште. Но, дали потфрли образовниот систем со тоа што ја одвои Амбла од останатите ученици само затоа што има Даунов синдром? Министерот за образование, Јетон Шаќири вели дека му е жал и дека не сака да се повторуваат вакви случаи.


-Да ви кажам искрено многу се вознемирив од ситуацијата. Разговарав вчера со родителите на Амбла. Освен со родителите, стапив во контакт и со директорот на училиштето и сакам во оваа прилика да им се заблагодарам на сите медиуми и новинари кои се вклучија во овој процес. Но, би сакал во некоја друга ваква ситуација да воспоставам комуникација со секој родител, педагог и директор, бидејќи Амбла е добро дете, како и сите други во тоа одделение. Ќе зборувам и како министер, не верувам дека има родител кој би сакал да се повторуваат вакви случаи. Се надевам ова ќе е последен ваков случај, вели Шаќири.


И градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, заедно со родителите на Амбла денеска го посети училиштето. Вели дека е направена грешка со тоа што постојано ѝ ја менувале училницата на Амбла.


-Единствената грешка е што променила две-три училници. Еден од родителите имал договор со наставничката – Амбла да промени две-три училници, тука е направена грешката. Овие деца не трпат да им се менува амбиентот, исто како и ние што не можеме преку ден да го менуваме амбиентот. Се надевам дека ова ќе се регулира и му благодарам на Илир кој алармираше за ова прашање, бидејќи ова се случило две-три недели пред полугодието, а се случило и сега. Да не се повтори ваков пропуст. Верувајте ми дека ова е добар аларм за освестување на сите граѓани, рече Таравари.


Таткото на Амбла, Илир Адеми се надева дека ова ќе биде последен случај со децата со посебни потреби.


-Ви благодарам многу што се заангажиравте да се реши проблемот. Се надевам дека ќе се реши и дека ќе биде последен случај со овие деца. Не само за мојата ќерка, туку за сите. вели Адеми.


Инаку, Амбла Адеми, по петиција на родителите на учениците беше одвоена од своето одделение и наставата ја следеше во посебна просторија со својата асистентка. По петицијата беше одлучено Амбла да оди од еден, во друг клас. Народниот правобранител најави дека ќе го посети училиштето на Амбла и дека ќе бидат преземени сите потребни мерки.