Официјализирањето на новата бугарска Влада ги отвора вратите за нови преговори меѓу Скопје и Софија. Првите контакти ги оствари премиерот Зоран Заев кој во телефонски разговор со новиот бугарски премиер Кирил Петков му упатил честитка и порачал дека очекува да се продолжат разговорите за изнаоѓање решение.
„Се согласивме да продолжиме да работиме на изнаоѓање прифатливо решение за деблокирање на постапката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ и за нов позитивен импулс за зајакнување на билатералните односи меѓу нашите две земји во име на заедничката европска иднина.“, рече Заев.
Новиот бугарски премиер Петков во интервју за Фајненшел Тајмс вели дека ќе престанат со блокадата на Македонија за членство во Европската унија. Најавува дека во следните шест месеци ќе предложи нов процес за деблокирање на почетокот на преговорите на Македонија со Европската унија.
Сепак едно од барањата ќе биде Бугарија да не биде нарекувана фашистичка.
„Идејата за работните групи, за која зборувавме и во време на кампањата, ќе биде структурирана во најкраток рок, се надевам на почетокот на јануари, ќе имаме јасен план кои се работните групи, вклучително и тоа што го разговаравме утринава, да вклучува култура, инфраструктура, да вклучува економија, како и дополнување на таа за историјата. И да направиме план за работа уште во текот на јануари овие работни групи да имаат реални резултати.“, рече Кирил Петков.
Вчера првиот вицепремиер Артан Груби во магазинот Клик плус на ТВ21 посочи дека лидерот на ДУИ Али Ахмети има план Б се отпочнување на преговорите со Европската унија.
„Истото, како план Б, сакаме да го реализираме и со Република Бугарија. Сите земји членки во Советот за општи работи на ЕУ, да одлучат дека првата меѓувладина конференција со РСМ и Албанија ќе биде на ист датум, со услов да се реши билатералниот спор меѓу Скопје и Софија. Ако се реши спорот, автоматски ќе имаме прва меѓувладина средба со ЕУ.“, рече Груби.
За толку очекуваниот 14 декември пред околу еден месец зборуваше и Кастриот Реџепи кој тогаш рече дека има информации за тоа дека Македонија ќе ги почне преговорите со Европската унија и дека поради тоа тој се повлече од уривањето на Владата.
