По поскапувањето на горивата – СДСМ: Последица на катастрофалната економска политика, ВМРО-ДПМНЕ: Не ја осеќаат светската криза, сефовите се полни, бизнисот цвета

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поскапувањето на горивата предизвика нова политичка пресметка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, при што двете партии си упатија критики за економската политика и последиците од растот на цените.

Од СДСМ обвинија дека бензините поскапуваат за 4,5 денари, а дизелот за 6,5 денари, оценувајќи дека Владата не презела мерки за да го ублажи ударот врз граѓаните.

Од партијата велат дека нема намалување на акцизата, привремена интервенција или друг обид за заштита на животниот стандард.

„Ова е директна последица на катастрофалната економска политика што ја води Христијан Мицкоски и неговата влада“, велат од СДСМ.

Според опозициската партија, поскапувањето на горивата ќе има директно влијание врз цените на основните производи, трошоците на земјоделците, транспортот и расходите на работниците кои секојдневно патуваат.

Од СДСМ дополнуваат дека Владата имала можност да реагира, но не го направила тоа, додавајќи дека граѓаните последиците од поскапувањата ги чувствуваат „на каса, на пумпа и во празниот паричник“.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги отфрлаат критиките и одговараат дека актуелната состојба е последица на глобалната економска и геополитичка криза.

Од владејачката партија велат дека во светот со месеци има нарушувања на трговските и енергетските текови, посочувајќи ја војната во Украина, санкциите и блокадите кои, како што наведуваат, го отежнуваат протокот на енергенси и стоки.

„СДС како да живее на Халкидики без пристап до медиуми и интернет. Па сега ако нема светска криза кога имало?“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека клучните транспортни коридори за нафта, гас и храна се соочуваат со нарушувања, а војната во Украина продолжува.

ВМРО-ДПМНЕ во својата реакција истовремено упати и политички обвинувања кон СДСМ, наведувајќи дека „кризата денес во СДС не се осеќа затоа што имаат како да ја сервисираат, сефовите се полни, бизнисот цвета и гајле немаат“.

Двете најголеми политички партии остануваат на спротивставени позиции околу причините за поскапувањето на горивата и начинот на кој Владата треба да реагира, при што СДСМ бара конкретни мерки за ублажување на ударот врз граѓаните, додека ВМРО-ДПМНЕ посочува на влијанието на глобалните кризи врз цените на енергенсите.