Иако ја најави уште пред десет дена, премиерот Ковачевски се уште нема одредено точно датум кога ќе се одржи средбата со Мицкоски на која треба да се дефинира составот односно предложените кадри за техничката влада. Ковачевски само кратко одговори дека тоа ќе се случело идната година и дека сите детали околу разговорите за техничката влада ќе бидат соопштени.
„Па идната година, ќе видиме после празниците или пред празниците. Она што го видовме од медиумите сите дека после 31-ви ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава во однос на тоа кој ќе бидат нивните претставници во техничката влада. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија тоа веќе го направи во текот на оваа недела, ние ги имаме комплетно завршено сите процедури. Во однос на Владата ќе течат разговори на ниво на коалицијата, на ниво на учесниците во Владата и сите детали ќе се знаат навремено“, вели Димитар Ковачевски.
Мицкоски деновиве рече дека очекува Ковачевски да утврди термин и време за да го повика на средба каде ќе се утврдат спецификите на идната техничка влада и дека во меѓувреме треба да се состанат партиските органи, Извршниот и Централниот комитет за да се утврдат ставовите но и кандидатите за техничката влада. Тој притоа истакна и дека нема да ја поддржи кандидатурата на Талат Џафери за технички премиер иако во таа влада ќе бидат кадри од ВМРО-ДПМНЕ. Ахмети пак, во емисија на албанската ТВ Клан се пофали дека премиер на техничката влада ќе биде Џафери.
-Кога ќе има премиер Албанец?
А.А.: На 28 јануари.
-На 28 јануари. Кој ќе биде?
А.А.: Талат Џафери.
-Талат Џафери? Командант Талат Џафери?
А.А.: Командант Талат Џафери.
-Премиер на Македонија ќе биде командант на ОНА?
А.А.: ОНА потпиша договор со НАТО во 2001, октомври, септември да се демобилизира.
Изборот на техничката влада треба да се случи на 28 јануари, откако претходно премиерот Ковачевски ќе си поднесе оставка и на неговото место треба да биде избран Џафери.
