По предлогот на Заев за широка Влада, ВМРО-ДПМНЕ го смени ставот, ЛДП кажа „не“, за АА ова е само блеф

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Откако доби доверба во Собранието, вчера премиерот Зоран Заев ѝ понуди на опозицијата да стане дел од Владата. За ВМРО-ДПМНЕ ова е сламка за спас, па по вчерашното „да“ за експертска денеска преминаа во категорично „не“, од Алијанса за Албанците велат дека ова е само уште еден блеф.

„И Заев и СДСМ и сета јавност треба да знаат дека пактови со мафија нема, ниту пак ќе поддржиме. Прво ќе ве поразиме, а потоа ќе следува одговорност.“, вели Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Инаку ние во Влада да влеземе како кукли не влегуваме, има во Влада кукли од ДУИ тие се таму безусловно и секогаш кога им треба на било која политичка партија од македонскиот блок, било тоа да е ВМРО, било тоа да е СДСМ“, рече Арбен Таравари од АА.

Предлогот на Заев не е прифатлив ниту за коалиционите партнери, ДУИ вчера се дистанцираше од ваков предлог, а ЛДП испрати порака дека на таква свадба нема присуствуваат.

„Ако си се сакаат, нека си се земат. ЛДП на таква свадба нема да присуствува.“, напиша Горан Милевски, лидер на ЛДП.

ЛДП ќе го следи примерот кој го посочи премиерот Заев, Германија, каде германските либерал демократи ФДП не учествуваат во таква широка влада.

За аналитичарите од една страна постапката на Заев е споделување на одговорноста за негативните процеси, од друга страна одличен предлог за влез во помирни води.

„Тоа е сега идејата, некако да се спречи можеби падот на популарноста и поддршката која што го има владејачката партија до локалните избори кои што не очекуваат на почетокот на октомври, дополнето со незадоволството од градоначалниците во моментов од СДСМ ја прави оваа претпоставка и се разбира по веројатна“, вели Владимир Божиновски.

„Било која политичка тензија, не значи дека се решава со широка коалиција, но велам тоа е сериозна отстапка од премиерот, ако таа понуда е дадена, и е дадена на неколку недели пред конгресот на партијата. Значи тој има голема работа и должност, тоа да го помине и на конгресот, но Заев е познат на тие чекори за помирување на општеството можеби ова е дел од тоа“, изјави Алберт Муслиу.

Инаку Македонија досега неколку пати имала формирано т.н широка влада, во која учествувале двете страни со цел надминување на клучни државни проблеми и предизвици, како конфликтот во 2001 година.