По промените во Централната банка – нов пад на турската лира

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган потпиша одлуки за замена на гувернерите на турската централна банка, како и еден член на Советот за монетарна политика на Банката.

По објавувањето на промените, турската лира падна на ново рекордно ниско ниво во однос на доларот, губејќи 1 отсто од својата вредност на 9,19 лири за американски долар. 

Досега годинава, лирата падна за 19 проценти поради загриженоста за монетарната политика на земјата. Подоцна, турската валута поврати дел од загубите на 9,13 лири за долар.

Минатиот месец, турската централна банка ја намали основната каматна стапка од 19 на 18 проценти, и покрај годишната инфлација од околу 20 проценти, што предизвика нов бран продажба на турска валута на берзите.

„Отпуштањето на високи вработени во централната банка среде ноќ без добро објаснување не е начин да се изгради доверба во банката и да се зајакне довербата на пазарот“, изјави странски инвеститор за Ројтерс.