По речиси два месеци, во Дебар регистрирани двајца починати од Ковид-19

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По речиси два месеца, во Дебар како последица од Ковид-19 регистрирани се двајца починати во болнички услови.

Станува збор за 72-годишна жена од општина Центар Жупа и 41-годишен маж кој бил во посета на Дебар, живее и работи во Белгија, а кои повеќе од две недели биле хоспитализирани во здравствени установи во Скопје.

Според официјалната статистика последно починат беше маж од Дебар на 20 јануари, додека од почетокот на пандемијата до сега вкупниот број на починати изнесува 37, речиси по идентичен број од двете општини.

Од друга страна заразата може да се оцени дека се стабилизира, што потврдуваат и податоците за нови случаи на заразени.

-Денеска имаме само еден нов случај или 11 овој месец, додека во списокот на оздравени се внесени 40 лица. Сакам да нагласам дека повеќе денови  нема хоспитализирани ковид пациенти во инфективното одделение во нашата болница. Наша оценка со колегите е дека веќе е постигнат колективен имунитет, оценува Баки Алили директор на Општата болница со проширена дејност.

Од почетокот на пандемијата, во двете општини, регистрирани се 806 позитивни случаи, активни на болеста се 12 од кои седум се третираат амбулантски.

Директорот Алили информираше дека утре во Скопје втората доза од анти – ковид вакцината ќе ја примат 11- те здравствени работници кои првата доза ја примија на 24 февруари. До сега од оваа установа со имунизацијата се опфатени 40 здравствени работници а деновиве првата доза ќе ја примат уште 64.