По серијата на земјотреси во Грција, премиерот ги моли граѓаните: „Останете смирени“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Последниот земјотрес, со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала, го погоди брегот на грчкиот остров Санторини, откако во петокот беше регистрирана зголемена сеизмичка активност во областа, што поттикна мерки на претпазливост.

Како што пренесува порталот „Катимерини“, повикувајќи се на грчкиот сеизмолошки институт, земјотресот се случил во 14 часот и 17 минути по локално време на длабочина од околу 5 километри, на околу 18 километри од островот Аморгос.

Повеќе од 200 земјотреси се регистрирани во областа околу грчкиот остров Санторини во изминатите 48 часа, а зголемената сеизмичка активност предизвика загриженост кај властите и научниците, поради што грчкиот премиер Киријакос Мицотакис вчера одржа средба со претставници на соодветните служби.

Мицотакис ги повика и жителите на островот Санторини да останат смирени и „да ги слушаат инструкциите на Цивилната заштита“.

„Мораме да управуваме со многу интензивен геолошки феномен. Побарав од ресорното министерство да изготви научен извештај за феноменот во следните неколку дена за да знаеме сите со што се соочуваме“, рече тој.

Голем дел од жителите на Санторини и на околните острови, денеска бараа билети да ги напуштат островите, поради честите земјотреси. Дел од нив ја поминаа ноќта на отворено или под шатори.