Внатре сѐ беше согласно протоколите. На влезот има средства за дезинфекција, а температура им се мери на секое дете. На врата има залепено и летоци на кои е објаснето како децата треба да одржуваат хигиена за да се заштитат од Ковид-19 додека престојуваат во градинка. Иако изгледаше дека сѐ се одвива според предвидените протоколи, сепак имаше и пропусти.
Овие родители ги доставиле потврдите, но нивното дете не било на списокот, поради што воспитувачките се двоумеа дали да му дозволат да влезе.
-Ние ги доставивме двете потврди.
-Добро, но мене ова ми го дадоа.
Одете и видете дека се двете потврди. Пишуваше дека двајцата родители треба да бидат на работа. Сега можеме да задоцниме за на работа. Првите три дена само еден час, а детето нема со кого да седи бидејќи ние сме на работно време.
Откако помина 8 часот, во дворот на градинките настана мешаница. Родителите не водеа сметка за држење дистанца, но велат дека протоколите се добри. Сите беа на став дека нивните деца ќе бидат безбедни во градинка.
-Мислам дека се подготвени. Јас со години ги носам децата во градинка.
-Кој се грижеше за децата додека градинките не работеа?
-Јас, бидејќи не одев на работа, но сега морам да се вратам.
-Според моето мислење би рекол дека децата ќе бидат безбедни ако градинките се чисти, имаат правила, одржуваат хигиена. За работното време би рекол дека е во ред од 8 часот. Имам уште едно помало дете, за него се грижи мајка ми. Но, ова поголемото треба да се адаптира и да биде во контакт со другите деца.
-Мислам дека е безбедно, поради тоа и ги донесовме. Мислам дека безбедноста е на потребното ниво.
Отворањето на градинките од близу го проследи и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска. Таа ја посети градинката „Буба Мара“ во општина Аеродром од каде упати апел до родителите и негувателките.
Ако некое дете добие симптоми додека е во градинка, ќе се изолира во посебни простории. Во една училница можат да престојуваат по 6 деца на дистанца од 1 метар. Нема играчки, а активностите за развој на моториката кај децата ќе се одржуваат на отворено. Градинките се отвораат по 6 месеци, откако претходно беа ставени под клуч поради анти-ковид мерките.
