По уверувањата на Радев – Мицкоски: Помалку слушај што зборуваат, повеќе гледај што работат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски е претпазлив по најавите на бугарскиот претседател Румен Радев за поддршка и помош на евроинтегративниот пат на Македонија. Радев вчера од Тирана, во присуство на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, оцени дека кај неа постоела разорачаност за патот кон ЕУ. Сепак, Радев додаде дека нашата евроинтеграција не е обврзана од билатерални прашања или вета на соседна земја, туку од внатрешни предизвици за човековите права и владеењето на правото.

„Сакам да ве уверам дека Бугарија како најблиска, како пријателска држава има огромна желба и е подготвена, подава рака, да биде од помош така што вашето државно раководство и општеството многу побрзо да се справат со предизвиците и со исполнување на копенхашките критериуми за членство“, изјави Румен Радев, претседател на Бугарија.

„Многу различни пораки стигнуваат од официјална Софија. Нашите стари рекле „помалку слушај што зборуваат, повеќе гледај што работат“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски повика бугарските европратеници да покажат дела и да го гласаат Извештајот на Томас Вајц во кој се зборува за засебен македонски идентитет и јазик. Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, од Будимпешта ги повтори црвените линии, додавајќи дека европската иднина не смее да биде по цена на одново испишување на историја.

„Ова не е став од пркос, туку е држење од самопочит и иднината која градиме во Европа мора да почива на меѓусебно признавање и доверба, а не на одново пишување на историја или наметнување на лажни наративи“, изјави министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.

Инаку, Мицкоски повторно ги повика бугарските власти потврдно да одговарат на идејата за средба на делегациите од двете земји за време на Самитот на НАТО во Хаг, кон крајот на месецот, на која бисе разговарало за евроинтеграцијата на Македонија.