По неодамнешниот вандалски упад во најголемото штипско основно училиште, ООУ „Ванчо Прќе“, градоначалникот Иван Јорданов најави нови мерки за зголемување на безбедноста во образовните институции и на јавните површини во градот.
Во училиштето беа оштетени смарт-табли, компјутери и опрема за видео надзор, а сторителите се обиделе и да поплават еден од катовите. По инцидентот, Јорданов истакна дека покрај постојниот видео надзор, во сите училишта ќе бидат поставени и алармни системи.
– Видео надзор има во сите образовни институции, но потребни се и дополнителни механизми за побрзо откривање и лоцирање на проблемите. Алармните системи ќе овозможат навремена реакција и ќе помогнат да се спречат вакви девијантни појави во иднина, изјави Јорданов.
Тој најави и поставување на околу 190 безбедносни камери низ Штип. Камерите ќе бидат поставени пред институции, училишта и градинки, во паркови и на повеќе локации во централното градско подрачје.
– Планираме поставување камери на јавни површини и на пристапите до институциите, со цел полесно идентификување на сторителите и нивно санкционирање, посочи градоначалникот.
Покрај техничките мерки, локалната власт најавува и едукативни активности за подигнување на свеста кај младите. Во наредниот период ќе се организираат работилници и обуки со ученици, родители и наставници, во кои ќе бидат вклучени психолози и педагози. Фокусот ќе биде ставен на последиците од девијантното однесување и неговото влијание врз младите.
Штетите во училиштето во меѓувреме се санирани, а според информациите, ова е прв ваков случај на упад и вандализам во штипско училиште.
