После вчерашниот инцидент во болницата „8-ми Септември“ во кој неколку лица со оружја упаднале откако починала жена која неколку дена била на респиратор, е утврдено дека нејзиниот син е заразен со коронавирус и не ја почиутвал мерката за домашна изолација. Сега е пренесен во државен карантин кој што ќе го плати на свој трошок, а воедно му се заканува и казна за непочитување на здравствените прописи.
МВР вчера соопшти дека шест лица се приведени во полициската станица Гази Баба поради инцидент во Градската општа болница. Меѓу приведените е и Б.С.(29) од синовите на починатата жена кој бил позитивен на коронавирусот и тој е спроведен во полициска станица со специјални протоколи.
Починатата пациентка пет дена била на респиратор во ГОБ „8 Септември”. Согласно протоколите починатите пациенти од КОВИД-19 ги подигнува специјална екипа од погребалното претпријатие Бутел опремена со скафандери и друга специјална опрема.
Еден од синовите на починатата кој сакал насилно и без почитување на протоколите да го земе телото на неговата мајка бил позитивен на коронавирус, но наместо во изолација, тој дошол во болницата да се пресметува.
„По излегување на местото на настанот, полициски службеници затекнале повеќе лица на паркингот пред ГОБ ‘8 Септември’, при што од страна на полициските службеници преземени биле мерки и активности за преглед на лица и патнички моторни возила, а меѓу нив биле затекнати синовите на починатата кои сакале насилно да го земат телото. Лицето Б.С (29) е приведен во ПС Гази Баба, поради тоа што при проверка во евиденција за лица со решенија за изолација констатирано е дека истиот не го почитувал решението за изолација и е позитовен на Ковид-19“, велат од МВР.
