Со изградбата на новата улица која води од Сарај до село Рашче, се создаде поголем проблем. Овој дел од улицата освен за поминување, се користи и како депонија. А ова е втор пат како општина Сарај заедно со Комунална хигиена го чистат. Доколку не се подобри состојбата од оваа страна, дали тоа ќе значи дека општинскиот инспекторат не си ја врши работата како што треба?
„Не би рекол така, нашите информации говорат дека тоа се прави во доцните часови или раните утрински часови, не се прави во работно време, реално треба да разбереме дека без покревање на свеста на граѓаните и институционалната соработка, невозможно е ние да бидеме дежурни и да имаме 24 часа луѓе овде“, рече Блерим Беџети, градоначалник на Сарај.
А дали имало казни за лицата кои фрлале отпад и шут на овој дел, Беџети вели дека имало.
„Имало казни оваа година?
Да, имало и сега со функционирањето на инспекциите на сите општини во рамки на Град Скопје, верувам дека и ефикасноста ќе биде поголема“, додаде Беџети.
И градоначалникот на Град Скопје рече дека ќе има казни за тие кои фрлаат отпад овде и дека ќе има интензивни контроли.
„На оваа депонија овде, Град Скопје и општина Сарај ќе ги зголемат инспекциските контроли за да може да се спречи ова“, истакна Петре Шилегов.
Вакво нешто започнало да се прави и во делот на Кондово каде во близина на реката Вардар се создаваат диви депонии. За овој дел, градоначалникот на Сарај рече дека се работи со цел и тој дел да се исчисти.
