ТАВ Македонија ја укинува забраната за бесплатен влез во зоната „Hug & Fly“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ТАВ Македонија ја повлече одлуката со која бесплатниот пристап на едно возило во зоната „Hug & Fly“ на Меѓународниот аеродром Скопје беше ограничен на само еден влез во период од 24 часа.

Одлуката е повлечена откако Комисијата за одлучување во прекршочна постапка при Комисијата за заштита на конкуренцијата, при анализата на условите и начинот на користење на зоната „Hug & Fly“, побара од ТАВ Македонија дополнителни појаснувања и податоци во врска со воведеното ограничување.

Од Комисијата информираат дека ТАВ Македонија ги известила дека ја повлекла одлуката.

Комисијата ја поздрави оваа одлука и информира дека ќе продолжи да ја следи состојбата и условите за пристап до аеродромската инфраструктура, особено со цел да се обезбедат еднакви и недискриминаторски услови за сите учесници на пазарот.

Од Комисијата нагласуваат дека остануваат посветени на заштитата на конкуренцијата и дека ќе постапуваат во рамките на законските надлежности секогаш кога постои можност одредени услови или мерки да влијаат врз конкуренцијата и интересите на граѓаните.