25-годишен професионален војник вчеравечер починал на скопските клиники, а причините за смртта ќе ги испитува јавен обвинител. На војникот претходно му се слошило на полигонот во Криволак, додека траел марш на долго растојание. Како што соопштија од Генералштабот на Армијата, таму се одржувал селективен курс за учество во баталјанот на специјалните сили.
„Професионалниот војник на самиот завршеток на изведувањето на последната дисциплина од селективниот курс, марш на долго растојание во касните попладневни часови, по 18,30 часот, без претходни видни знаци моментално му се слошува по што паѓа во безсознание.“, се вели во соопштението од Армија.
Од Генералштабот информираат дека младиот војник веднаш бил пренесен со армиско болничко возило и во придружба на воен лекар до здравствениот дом во Неготино. Оттаму пак, војникот е упатен во Клиниката за анестезија и реанимација во Скопје, каде нешто после 23 часот била констатирана смрт. Според соопштението, тој бил во добра здравствена состојба кога го започнал курсот пред дваесетина дена.
„Починатиот наш припадник, го отпочнал 24 дневниот селективен курс во добра здравствена состојба и одлична физичка подготвеност за цело време на предвидените активности на курсот.“, велат од Генералштабот.
Околностите за трагичниот случај ќе ги испитува јавен обвинител кој ќе ја води понатамошната истражна постапка, а во меѓувреме ќе се чека и на официјалниот извештај за причините поради кои настанала смртта кај армискиот припадник, по извршена обдукција од страна на Институтот за судска медицина во Скопје.
