Почина македонскиот актер Гоце Тодоровски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонската културна сцена остана без едно од своите најпрепознатливи актерски имиња. Почина Гоце Тодоровски, доајен на македонското глумиште, кој со децении остави неизбришлива трага во театарот, филмот, телевизијата и радиото.

Тажната вест ја соопшти неговата ќерка Сашенка преку објава на социјалните мрежи.

„Го изгубивме, се предаде. Гоце Тодоровски почина. Фамилијата Тодоровски ја објавува најтажната вест. По голема борба го напушти овој свет. Лесна ти земја татко мој, вечен непребол. Душата не умира, а телото е премногу истрошено сега. Летај со ангелите…“, напиша таа.

Гоце Тодоровски е роден на 30 април 1951 година во Кичево. По дипломирањето на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на професорот Илија Џувалековски, својата професионална кариера ја започнал во Драмскиот театар во Скопје, каде што изгради препознатлив актерски опус. Во текот на кариерата настапуваше и на сцените на други театри низ земјата.

Публиката ќе го памети по бројните улоги во телевизиските серии „Македонски народни приказни“, „Итар Пејо“, „Булки кај шините“, „Ајде да се дружиме“, „Трето доба“, „Хихирику“, „Во светот на бајките“, „Бушава азбука“, „Солунски патрдии“, „Трст виа Скопје“ и „Чук, чук Стојанче“, како и по улогите во филмовите „Шеќерна приказна“, „Учителот“, „Црвени“, „Тетовирани души“, „Среќна Нова ’49“, „Викенд на мртовци“, „Бол“ и „Женски оркестар“.

Во својата богата кариера соработуваше со врвни македонски режисери, меѓу кои Слободан Унковски, Коле Ангеловски, Владимир Милчин, Димитрие Османли и многу други, оставајќи силен печат во македонската драмска уметност.

За својот долгогодишен придонес во културата беше добитник на бројни признанија, а минатата година му беше доделена и државната награда „23 Октомври“ за особени достигнувања во областа на културата и уметноста. Неговото творештво ќе остане трајно запишано во историјата на македонското глумиште.