Денеска на 82-годишна возраст почина Нина Спирова, доајен на македонската забавна и народна музика.
Со нејзиниот милозвучен и моќен глас остави трајни вредности, музички записи на неколку забавни мелодии кои станаа евергрини, како и на бројни бисери на староградската македонска музика.
Родена е на 26 октомври 1938 година во Прилеп.
Нина во својата кариера има снимено голем број познати музички хитови, од страна на светски аранжери како и голем број на обработки на македонски народни песни. Ќе останат како трајни вредности нејзините интерпретации на „Бог да бие кој прв почна“, „Пилето ми пее“, „Не си го продавај Кољо Чифликот“, „Судбо моја, судбино“, „Зајди,зајди, јасно сонце“, „Кажи, кажи либе Стано“, нејзиниот незабравен евергрин „Еден бакнеж“ и многу други.
Скромна, ненаметлива, повлечена, насмеана, со многу малку, речиси ништо познато од нејзиниот приватен живот, со однесување несвојствено за пејачка која претставува ѕвезда од конкретниот калибар.
Спирова засекогаш се повлече од естрадната сцена во почетокот на 80-тите години и веќе претставува дел од македонското музичкото минато.
Според нејзините почитувачи, но и музичките стручњаци, главен белег има оставено пеејќи ја македонската народна, но и староградската песна.
Од нејзината кариера се издвојуваат многбројните нстапи на фестивали и освоените награди. Во 1969. година ја освојува првата награда и наградата од стручното жири на фестивалот „Скопје 69“ за интерпретацијата на композицијата „Езеро мое“ од Љубомир Бранѓолица“. Истиот успех го постигнува и со „На овој ден“ од истиот автор во 1973., а еддна година подоцна го освојува првото место со „Претчувство“ од Б. Илиќ.
Има соработувано со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери, меѓу кои Драган Ѓаконовски – Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски и многу други. Има снимено над 80 композиции само за музичката продукција на МРТВ, од кој поголемиот број се хитовите: „Молчи, молчи“, „Еден бакнеж“, „Езеро мое“, „Далечен крај“, „Пелистерски очи“, „На овој ден“ итн.
Има снимено сингл плочи на српскохрватски јазик, додека пак забележителен настап имала на фестивалот „Белгардска пролет“ во 1963 и во 1964 година, со песните „Експрес во 03“ и „Бела хризантема“. Во 1965. година на фестивалот „Опатија 65“ по вторпат ја освојува наградата на публиката со песната „Далеку од љубов“.
Како еден од вечните евергрини, кои ќе останат да не асоцираат на прекрасното минато претставува и хитот „Еден бакнеж“ во придружба на Македонската Филхармонија. Безвременска песна која има учествувано на фестивалот „Опатија“ во 1962 година и се има закитено со првата награда.