Почина Петар Тутавац, креатор на „Плазма“ и „Домаќица“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Креаторот на популарната „Домаќица“ и еден од авторите на рецептот за бисквити „Плазма“, Петар Тутавац, почина на 88-годишна возраст.

Роден во БиХ, Тутавац во 1949 година се пријавил на курс за правење бисквити што го распишала фабриката „Краш“ од Загреб и станал првиот школуван изработувач на бисквити во земјата.

Подоцна се вработил во „Краш“, а неговиот прв оригинален производ била „домаќица“, која всушност била негов дипломски труд.

Таа подоцна доживеала разни варијации, но основата останала токму онаква како што замислил Тутавац во неговата дисертација во 1950-тите.

Врвот на кариерата го достигнал во Пожаревац, каде што ја основал фабриката „Бамби“ и бил еден од креаторите на рецептот за „плазма“.

Тутавац ниеден свој производ не патентирал.

„Тоа беа други времиња, кога знаењето не се криеше, туку се споделуваше. Сите мои рецепти и производи се правеа под името на ‘Бамби‘. Секогаш мислев дека сето тоа е на народот, така што се зајакнува социјалната сила и угледот на нашата земја на домашниот и светскиот пазар. Тоа беа времиња кога важеа некои други правила и односи меѓу луѓето. Добро ми е вака, јас сум среќен човек“, изјави тој во своето последно интервју за Слободна Далмација.